13 годишно девојче се удави во дупка со вода кадешто требало да се гради зграда

Девојче на тринаесет години се удави во оваа дупка со вода, направена уште пред една година, за да се гради здрада. Според дел од сведоштвата на месното население, девојчето заедно со своето братче си играло во водата.

А, една од верзиите кои ги раскажаа нејзините најблиски е дека девојчето влегло во водата по нејзиниот десетгодишен брат кој почнал да се дави. Тој успеал да се извлече, а таа настрадала бидејќи дното на дупката е калливо.

Жителите кои ги најдовме тука велат дека трагедијата се случила околу 14 и 30 часот попладнево, а полицајците и брзата помош стигнале речиси еден час потоа.

Еден од четворицата кои го вадеа безживотно тело на девојчето од водата, за Телма кажа дека можеби можело девојчето да биде спасено, ако спасувачките екипи и полицијата реагирале брзо.

„Да имаше на време некој сигурно ќе беше другше. Но, моментално никој немаше се решивме ние сами да влеземе и влеговме. Видовте сами како го извадивме. Саат време чекаме и уште ги нема“

Месното население бара одговорност зошто просторот уште не е ограден.

„Треба да се казнат тие што го направија ова. Го оставија цела година. Цела година го оставија вака. Сите се смеат зашто еден камион денеска ќе донесе, после една недела уште еден камион. Тој што направи ова, што го остави вака сакам одговорност, да биде голема одговорноста“

„Од човечка негрижа, од државата е ова се. Да не се загради, колкав објект. Погледнете колкав објект да нема нигде заградено. Ова е срамота и греота. Срамота богами за оваа држава“

На местото на несреќата, камењата и ситниот песок сведочат за она што веќе година дена предупредуваат локалните жители. Теренот кој се подготвува за изведба на градежни работи, исполнет со вода, заврши кобно при детска игра.

По трагедијата која што се случи попладнево, се обидовме да дојдеме до коментар на градежниот инвеститор којшто на ова место планирал да гради зграда, но тие не одговорија на повиците од Телма.

Во зградата на општина Илинден и покрај обидот да стапиме во контакт со Градоначалникот, наидовме на празни шалтери и службеници низ ходниците, но тие не беа расположени за изјави.

Лиценците за градење на градежните компании им ги издава Министерството за транспорт и врски.

Сепак, надзорот на работата и исполнувањето на законските стандарди од страна на градежниците го врши Градежниот инспекторат, кој е под капата на Инспекцискиот совет при Владата – независно тело формирано во 2014 година.

Полицијата се уште истражува како дошло до тоа девојчето да заврши во ископот за темели на градилиштето.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ