
Шведска во четвртфинале со минимален триумф над Швајцарија
Шведска го обезбеди претпоследното седмо место во четвртфиналето на 21 Светското фудбалско првенство во Русија. Во осминафиналето беше подобра од Швајцарија со минимални 1:0 на средбата што се одигра во Санк Петербург.
Стрелец на единствениот погодок беше Емил Форсберг со малку среќа во 66 минута кога по ударот од работ на 16 го совлада голманот Јан Сомер кого пак го измами соиграчот Мануел Аканџи и ги однесе Швеѓаните заслужено во четврто четвртфинале или прво по пауза од 24 години. Швајцарија четвртти пат по ред доживеа елиминација во осминафиналната фаза од планетарните собири.
На седми јули за полуфинале Шведска ќе се бори со подобриот од пресметката помеѓу Англија и Колумбија последна од осминафиналната програма што ќе се одигра подоцна вечерва на Откритие арената во Москва со почеток од 20 часот.