Вработените во Еурокомпозит со шатори пред Влада: Повеќе од една година сме лажени од оваа влада, 6 години од претходната!

Наместо да одмораат во приколиците на фабриката во Љубаништа, вработените во Еурокомпозит решија на горештини да штрајкуваат пред владата.Опремени со вреќи за спиење, плински решоа, тенџериња, столчиња и полски креветчиња, поставија шатори во обид да ја потсетат владата на ветувањата за спас на фабриката што им ги даде пред два месеца.Горчлив велат им е вкусот на кафето кога чекаат решение за проблемот што ги мачи со години.

„Горко е пече, не може погорко да биде, без платени придонеси и 18 плати“, велат Гордана Овезоска и Томе Ризоски вработени во АД Еурокомпозит.

Иако во неколку наврати на вработените им беше ветувано дека  фабриката ќе се продаде, дека дел од вработените ќе бидат техночошки вишок, а за останатите  ќе има и работа и редовна плата,решение засега нема.Во последниве два месеца вработените добиле едвај 10 000 денари, па за да го преживеат месецот работат како аргати и берат тутун. Не веруваат веќе во лажни ветувања, но решени се да седат пред владата до крај.

„Повеќе од една година сме лажени од оваа влада, 6 години од претходната. Проблемот нема да се реши ако не штрајкуваме. Во оваа состојба дојдовме заради директорите кои недомаќински работеа“, кажа Роберт Богданоски од синдикат.

„Владата не е заинтересирана за нас, ни за платите, ни за стажот, ние работиме, а некој друг ги зема парите, кажа Илија Алексоски.

„Ова појќе не се издржува, овде ќе седиме, што бараме дома без пари. Си го бараме сработеното, не бараме К 15 туку основната плата. Проблемите на фабриката се трупаат веќе 15 години, кажа Борче Јовчевски.

За состојбите во некогашниот југословенски гигант за воена и полициска  опрема, а сега голем македонски загубар владата ќе расправа на денешната седница. Според премиерот Заев станува збор за „купување месеци“ додека не заврши комплетната процена за објавување на продажба на фабриката, а паралелно со тоа, се планира и пакет за испраќање технолошки вишок на оние вработени кои сакаат да заминат.

Целта според него е Еурокомпозит да продолжи со производство на материјали за безбедносните служби во земјава, но и производи за извоз. Државниот ревизорот покажа дека компанијата не може да биде самоодржлива. Фабриката во моментов не произведува, приходите паѓаат од година во година, а долговите надминуваат 5 мил. евра.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ