Со законот за отпис на каматите нема да ги решите проблемите на граѓаните, им порачаа невладините на пратениците

Високи тонови, на моменти и довикувања од место и силни поенти, жестока дебата во Собранието предизвика јавната расправа за законот за отпис на каматите на долговите на граѓаните, кој заеднички го предлагаат власта и опозицијата. Иако тие, како што велат, се обединиле за да им помогнат на граѓаните, невладините денеска овој предлог го оценија како дискриминаторски и нема да ги реши големите должнички проблеми. Побараа негово целосно повлекување и изработка на нов. Каматите ќе мораат да ги отпишуваат само јавните и државните претпријатија, но не и приватните компании, тоа за нив ќе биде на доброволна основа. Се бара и да се отпишат трошоците за извршителите и нотарите.

„Зошто да биде на добра воља, ќе треба една вреќа документи, и ако се расположени тие од компанијата, ќе ви отпишат, ако не, пак граѓанинот ќе мора да си плати“, вели Марјан Ристевски од Конфедерација на слободни синдикални организации.

Ќе им дозволите на извршителите, кои спобудалеа од пари, и натаму да хараат. Со овој закон легализирате заостанати долгови од пред 15 години, да се плати нешто што не морало. Зошто граѓаните да се виновни што државата не функционирала, беа дел од прашањата.

„Во Македонија убиство застарува за 20 години, ама сметка за вода од 1995, ќе ја платиш, плус нотарите и извршителите“, вели Ана Глигорова од граѓанското здруѓение Човекот над профитот.

Таа тврди дека вака ќе продолжи режимот на корупција и создавање класни разлики. Може ли со плата од 200 и пензија од 150 евра редовно да се плаќаат сметки, ние преживуваме во должничко ропство. Во скандинавските земји кога човек не може да плати сметка први го посетуваат социјалните работници, а ние иако се декларираме како социјална држава, први се извршителите. Ако сакате да донесете правичен закон, отпишете ги долговите на сите физички лица кои се постари од три години.

Кукавицата го снела своето јајце, од Но пасаран за лошиот Закон за извршување на овој начин побараа одговорност од поранешниот министер за правда, Михајло Маневски. Прашаа и како може граѓанинот со години да не знаел и да не бил информиран дека должи, тука, според нив нешто дебело смрди и мора да се исправи.

„Има компании кога компании без договор ви наметнуваат долгови и ве ставаат во доложничко ропство. Има случаи кога се злоупотребуваат судските печати, општа јавна тајна е дека се позајмуваат на компании и се штанцаат илјадници платни налози, и дрѓавните институции тоа не го санкционираат и спречуваат“, вели Марјан Ненов од Но пасаран.

Пратеникот Панчо Минов, еден од предлагачите на законот беше дециден дека на овој начин нема да се легализира наплатата на застарените долгови.

„Ќе бидат опфатени случаите за кои се почнати постапки од 2006 година, а завршени до јули 2011 со извршно решение и правосилна одлука и за кои веќе се испратени решенија кај извршители“, рече Минов.

Со овој предлог закон ќе бидат опфатени повеќе од 200 илјади предмети, а забелешките на граѓанските здруѓенија ќе бидат земени предвид при неговото финализирање. За сите други проблеми за кои тие алармираа пратениците велат дека ќе мора да се менуваат други закони, како што се оние за извршување и за облигациони односи.

Со предлог законот зад кој стојат и власта и опозицијата, се предвидува на граѓаните да им се прости каматата на старите долгови за мобилна и фиксна телефонија, за кабелски оператори, за одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, за струја и за вода.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ