Генералот Ангелов од М-НАВ со одврзани раце за политички ангажман

Генералот Стојанче Ангелов ја напушта функцијата во МВР за да се грижи за македонското небо. Тој повторно ќе се ангажира политички со партијата Достоинство но, како стручен советник во М-НАВ, државната компанија задолжена за воздушниот сообраќај.

М-НАВ е акционерско друштво во државна сопственост кое во 2016-та оствари околу 13 милиони евра приходи. За плати и придонеси на 272 вработени потрошени се 11 милиони евра, што претставува 80% од вкупните расходи на компанијата. Ако вкупните плати се поделат на бројот на вработени се достигнува просекот од 1.800 евра плата по вработен со што М-НАВ е убедливо една од најисплатливите државни компании.

Генералот Ангелов сепак, започнува од поскромна плата од 41 илјади денари.

Сега лидерот на Достоинство ќе може слободно да делува политички, па се поставува прашањето дали со тоа му се одврзуваат рацето за учество во кампања за претстојниот референдум со партијата.

Во 2017 година како и првите шест месеци од годинава на повеќе наврати беа објавени јавни огласи за вработување на советници во М-НАВ. По шест во декември лани, по еден советник во феврару и март, и по шест советници во мај годинава. Во огласите се бара факултетска диплома, но најчесто не се наведува од која област, а во дел од нив не е потребно ниту претходно работно искуство.

Ангелов е избран на последниот оглас како технички советник за безбедносни уреди и системи и соработка со македонската армија и полиција. Тој вели дека го има потребното искуство, а ангажманот не доаѓа од финансиски мотиви.

Досега експерти за воздушна навигација изразуваа незадоволство што во М-НАВ се вработуваат голем број на кадри по партиска линија, наместо да им се даде простор на тие што имаат соодветни квалификации. Токму високите плати и бенефиции се многу примамливи за политичките гарнитури.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ