Дилерот кој го обезбедил оружјето за нападот во Куманово уапсен во Италија?

Десет луѓе се уапсени во Италија поради шверц на мигранти од Балканот кон Швајцарија и шверц на оружје, злато, дијаманти и перење пари. Италијанската полиција соопшти дека успеала да разбие две групи, една со база во северна Италија и втора која оперирала од Сицилија.
Меѓу уапсените се еден македонски, еден албански и еден косовски државјани, како и седум италијански. Уште седум осомничени, повеќето од балканските држави, се во бегство.

Меѓу уапсените е и Фатмир Љатифи за кој ДПА тврди дека им го продал оружјето на терористите кое беше користено за време на крвавата прсметка во Кумановово 2015 година, пишува Дојче Веле. Името на Фатмир Љатифи досега не се споменуваше во македонската јавност во контекст на судирите во Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015. Во судирите загинаа осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група која беше забарикадирана во повеќе куќи во населбата „Диво Насеље“, и ранети најмалку 40 лица.

Италијанските медиуми кои известуваат за апсењето на мафијашката група, тврдат дека Фатмир Љатифи бил тесно поврзан со групацијата „Нова УЧК“ на Косово и мафијата во Катанија. Според сознанијата на италијанската полиција, токму Љатифи им ги продал оружјето и муницијата на припадниците на терористичката ќелија кои беа стационирани во Куманово. „Нова УЧК“ се смета за организација која негува тесни врски со џихадистички движења.

Љатифи бил приведен од италијанската полиција пред седум месеци по негово враќање од Косово, но бил следен уште од декември 2016 година. При претресот му биле одземени мобилни телефони и компјутери од кои била утврдена неговата поврзаност со бројни илегални зделки со оружје, како и вмешаноста во кумановски настани.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ