Османи бара вклученост на опозицијата, Мицкоски бара оставки од министрите

Тукушто вратен од Брисел, уште рано претпладне, вицепремиерот Османи со порака дека на Македонија вчера рано наутро и се случил успех во престолнината на Европа и дека опозицијата треба да се вклучи во целиот процес и во заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за евро интеграциите. Процесот ќе почне на средина на јули со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан

Првиот опозиционер беше на 5-тата светска средба на бегалците од Егејска Македонија. Беше пречекан со овации и со порака од говорниците да одбие било каков референдум. Од неговиот кабинет 4 пати ни кажаа дека не се предвидени изјави од лидерот Мицкоски. Подоцна сепак застанал пред две телевизиски камери и за понудата на Османи, Мицкоски побарал оставки од евро-интегративните министри, како морален чин поради дипломатско фијаско во процесите и тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од западниот пат на Македонија.

„Доколку некој очекува од опозицијата да застане рамо до рамо со овие кои што ја потпишаа оваа капитулација, тогаш во најмала рака е премногу претенциозно да се очекува такво нешто од страна на опозицијата“, рекол Мицкоски.

Вицепремиерот Османи кој очекува инклузивност и соработка со опозицијата, не гледа надеж за конструктивност од височините на Водно, од претседателот. Прво го обвини Иванов дека со своите постапки за непотпишување на законот за ратификација на договорот со Грција се меша во работата на парламентот и се обидува да го смени системот без уставни промени. Потоа наведе дека двапати се сретнал со него за да му ја објасни актуелната шанса на Иванов.

Од кабинетот на Иванов не одговорија на нашите повици и пораки за коментар. Османи тврди дека до 17-ти јули и посетата на Хан, ќе биде избран преговарачкиот тим, главниот политички преговарач и техничкиот преговарач. За 11 месеци државата ќе мора да ги спроведе бараните реформи, да организира перфектни претседателски избори и целосно да го спроведе договорот со Грција. Во последната обврска спаѓа и референдумот и уставните промени, кои Османи очекува да бидат завршени до крајот на 2018-та.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ