
Заедничка кампања на владините партнери за референдумот?!
Владините партнери заеднички ќе ги убедуваат граѓаните да гласаат за договорот со Грција. По успешниот пример од локалните избори во Гостивар и Чаир, ДУИ предлага ист тип на заедничка кампања да се спроведе и пред референдумот за името. Веруваат дека, на тој начин, договорот би бил полесно прифатен.
„Тоа би било првпат Македонците и Албанците да прават заедничка кампања. Секогаш се делиме на избори, а ова би можело да биде добра порака за меѓуетничките односи – заеднички да ја градиме државата и да одиме во НАТО“, вели вицепремиерот Бујар Османи.
Османи потенцира дека Албанците во Македонија немаат дилеми околу договорот со Грција и дека ќе го поддржат на претстојниот референдум. Премиерот, пак, за српска „Политика“ изјави дека верува дека референдумот ќе успее.
„Верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада”, вели Заев.
Со сличен став е и претседателот на Собранието. Вицепремиерката Радмила Шеќеринска, пак, потсети дека следните две недели се клучни за државата.
Референдумот најверојатно ќе се одржи кон крајот на септември, но точниот датум не се знае. Се крие и референдумското прашање, кое се очекува да биде поврзано со согласност за влез во ЕУ и НАТО. За да почнат да течат роковите, првин треба да се формира Државната изборна комисија. Се калкулира и со типот на референдумот, дали ќе биде задолжителен или консултативен иако премиерот повеќепати изјави дека, каков и да биде, одлуката на граѓаните ќе биде задолжителна за институциите.Опозицискиот лидер веќе најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го признаат референдумот ако не биде задолжителен.За да биде успешен, на референдумот треба да излезат околу 900 илјади граѓани, од вкупно еден милион и 800 илјади запишани во Избирачкиот список. Од излезените, повеќе од 450 илјади треба да гласаат „за“.
Далиборка Дамјанска Цветановска