10 години од трагедијата кај Блаце-ќе има ли нова истрага за загинувањето на 11-те офицери на АРМ во падот на хеликоптерот

На десетгодишнината од трагедијата кај Катлановско Блаце кога во пад на хеликоптер загинаа 11 припадници на АРМ, министерката Шекеринска изјави дека сите документи и сознанија за несреќата ќе бидат предадени на новиот обвинител. Најблиските на загинатите офицери се уште ја чекаат вистината и бараат одговорност.

Војничката труба по десетти пат им одаде почит на 11-те припадници на АРМ кои загина во пад на воен хеликоптер додека се враќаа од мисија во Босна и Херцеговина. Нивните имиња стојат на спомен-обележјето кое една деценија подоцна полека пропаѓа, па дури и е опасно за посетителите. Како никој да не се грижи за него и за жртвите.

Скршени плочки на споменикот

Најблиските се незадоволни и од друга работа, што досега никој не е прогласен за виновен за трагедијата.

-Во оваа наша Македонија не се знае виновник ни за Трајковски, ни за нашите деца, ни за Глигоров, само се трага. Можеби вистината некогаш ќе се открие, но ние можеби нема да сме живи, рече Стојан Спасовски, чиј син Бране, пилот во АРМ, загина во несреќата.

Досега имаше две истраги, обвинителството за виновни ги прогласи пилотите кои загинаа, но не навлезе во други детали откриени со истрагата, за командната одговорност, за зделката со која се модернизирале хеликоптерите, за исправноста на опремата.

Новата министерка за одбрана Радмила Шекеринска на средбите со родителите ветила дека новиот обвинител ќе ги добие сите документи за да истражи има ли нечија одговорност и имало ли злоупотреби.

Хеликоптерот падна на денешен ден 2008-ма година. Единаесетте офицери на АРМ од воздухопловната бригада успеаја да стигнат од Сараево до Скопје, но беа препратени на авионската рута за слетување и чекале еден авион прво да слета.

Таа процедура за воените воздухоплови е воведена ден пред трагедијата. Од пилотите било барано да слетуваат користејќи ги претходно додадените инструменти во хеликоптерот, а истрагата откри дека никој не ги обучил за користење на новата опрема.

При спуштањето леталото се урна, изгоре, а сите што беа внатре загинаа. Загинаа потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ