Човековиот ум е најголемата бариера за лицата со телeсен инвалидитет

Телесните инвалиди во Македонија и натаму водат битка за остварување на нивните основни права. По голем број кампањи, конвенции и законски регулативи, велат се невидливи за општеството. Најголем проблем се архитектонските бариери, но и ниската свест на заедницата.

„Од возила не можеме да врвиме. Пред некој ден на пристапна  рампа имаше паркирана кола, а полицијата тука. Му велам на полицаецот ова е место за нас, а тој вели има несовесни граѓани. Ако се граѓаните несовесни, вие бидете совесни, казнете ги“ кажа Томе Георгиевски, лице со телесен инвалидитет.

„Болницата ми е достапна, но други места не. Не можам да влезам во аптека, ниту пак кај матичниот лекар, нема приод за нас“ изјави Олга Огненовска.

На денешното традиционално дефиле по битолски Широк Сокак, кое го организира здружението на телесни инвалиди „ Мобилност“ под мотото „Лобираме заедно“, повторно се обидоа да го свртат вниманието на надлежните, но и целокупната јавност за проблемите со кои се соочуваат. Велат закони постојат, но не се почитуваат.

„Потребно е менување на свеста на средината за лицата со инвалидност, тие како еднакви субјекти да бидат препознаени во ова општество и да оди процесот од институционална грижа до грижата на заедницата“ кажа Нико Јанков, претседател на „Мобилност“ – Битола

„Ако порано се сметаше дека архитектонските бариери се најголемиот проблем, сега е се повеќе човековиот ум како бариера, односно разбирањето на потребата да им се помогне на лицата со инвалидитет, бидејќи тоа не треба да биде потреба туку култура на однесување“ кажа проф. д-р Марјан Танушевски, професор по менаџерско лобирање.

Градоначалничката  Наташа Петровска, која учествуваше на денешното дефиле, рече дека нејзината заложба ќе биде локалната самоуправа да ги подигне капацитетите на повисоко ниво кога станува збор за мобилноста на лицата со телесен инвалидитет.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ