
Обвинителството отвори предмет за Дрисла
Дрисла под истрага на скопското обвинителство. По допрен глас ќе утврдува дали депонијата го загадува Скопје. Доколку утврди кривична одговорност, на службеното лице му се закануваат најмалку четири години затвор.
„Во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител испрати барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање потребни податоци во врска со досегашна извршена контрола над работењето на депонијата ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО, како и доколку е извршена контрола дали е констатирано почитување на протоколите за согорување на медицински отпад од страна на депонијата и други информации“, велат од јавното обвинителство.
Градоначалникот на Скопје Шилегов прстот за сомежите околу Дрисла го впери во неговите претходници, а првите чекори во насока на решавање на проблемот ги најави за наредниот месец. Според него, од нејасни причини безмалку шест години се одлагала набавката на нова печка.
„Очекувам дека до крајот на февруари на постојната печка ќе биде поставен воден филтер со цел да се избегне толкав интензитет на честички од инсинератор на Дрисла и во тек е набавка на нова печка. Индикативно е зошто тоа досега не е направено имајќи предвид што градот се јавил како гарант за набавка на нова печка во 2012 со давање меница во висина од 700.000 евра“, изјави Шилегов.
Депонијата Дрисла изминатите неколку дена е во фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи интензивно почна да се споделува написот на британски Гардијан објавен во 2001-та година дека на Македонија и е донирана токсична печка. Директорот на депонијата излезе со тврдење дека печката не загадува, а вонредниот инспекциски надзор завчера не утврди радијација. Дрисла заработи само парична казна од осум и пол ијади евра за неисполнување на еколошките стандарди.
Весна Јовановска – Дојчиновска