
На Институтот за микробиологија се анализирале брисеви само од одредени ординации
На Микробиологија се работело спротивно од правилата и оттаму се фаворизирале избрани ординации и лекари. Ова го утврдил извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, обвинија од Здружението на матични гинеколози. Инспекцијата го проверила работењето на Институтот во периодот од октомври лани, до март годинава. Тогаш реагенси имаше само во лабораторијата на Институтот за микробиологија. Не и во останатите државни микробиолошки лаборатории. Дел од матичните гинеколози брисеви праќаа на анализа во приватни лаборатории поради недостапноста на услугите од Микробиологија, што се одрази по џебот на пациентките.
„Констатирано е дека Институтот работел преку Мој термин. За тоа дали имал дозвола и од кого имал дозвола не знам. Кој донел решение за таква работа не знам. Исто така, констатирано е дека Институтот селективно ги пружал своите услуги на здравствените установи. За некои бил достапен во секое време со неопределен број на услуги кои ги давале. Додека, за останатите бил тешко достапен или недостапен“ кажа Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози.
Пред четири месеци, Институтот за микробиологија излезе со став дека не постои фаворизирање на ординации и лекари. Закажувањето преку Мој термин оттаму го оправдаа со недостигот на реагенси во другите лаборатории и тешкото воведување на ред за услугите на нивниот Институт. Ги побравме за коментар околу извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но оттаму став ќе има најрано следната недела.
Во моментов, сите микробиолошки лаборатории низ државата располагаат со доволна количина реагенси.
Петар Догов