
Холандија гласаше за преговори со Македонија
Германската Влада отворено застана зад напорите на Скопје да стане дел од европското семејство. Германското МНР упати писмо до Бундестагот со препорака да одобри датум за почнување на преговорите на Македонија со Европската унија, јавува Дојче Веле. Во писмото се вели дека тоа би било вистински позитивен сигнал за македонската Влада, која, „фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и од надвор“. Но, земјата ќе мора да исполни неколку услови: видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, реформа на јавната администрација, приоритет на борбата со организираниот криминал и корупција.
Холандскиот парламент веќе одлучи дека Македонија може да добие датум за преговори со Европската унија, но ги блокираше пристапните преговори за Албанија бидејќи не покажува напредок во борбата со корупцијата и криминалот. Сега, за конкретизирање на преговарачката рамка за Македонија се противи само уште Франција. Нашата Влада е уверена дека сите европски земји ги забележуваат позитивните промени во Македонија, за што сведочи одлуката на Холандија, која важи за најстрога во однос на критериумите за членство.
Одлуката дали земјава ќе добие датум за преговори се очекува да ја усвојат министрите за надворешни работи кои во понеделник и вторник ќе заседаваат во Луксембург. Но, конечната одлука ја носат шефовите на државите и владите на земјите членки на Унијата во четврток и петок. Најгласната поддршка доаѓа од сегашниот претседавач Бугарија, но и од Австрија, која од први јули го презема претседавањето со Унијата.
Соња Николовска