Заев се надева дека срцето на Макрон ќе омекне

Премиерот ја поздрави одлуката на холандскиот Парламент да дозволи отворање на преговорите за пристап на нашата држава кон ЕУ. Се надева дека нивната одлука ќе го омекне ставот на францускиот претседател, кој, и покрај договорот со Грција, цврсто се противи Македонија овој месец да добие датум за преговори.

Заев сепак, очекува Македонија следната недела да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Се надева дека со чекорите што ги презема владата, ќе ги убедат сите кои се уште имаат одредена резерва за проширувањето на Унијата, да го направат преломот, затоа што, вели, реформите што се прават и таму, можат да се прават паралелно додека Македонија преговара за членство. Поглавјата и преговорите ќе траат со години.Очекува позитивна одлука и од референдумот на есен, за кој вели дека треба да биде заедничка одлука и на власта и на опозицијата.

Кон средината на јули,  се планира парламентот да го распише референдумот за името.Во јавноста веќе почнаа да се вртат и првите термини. Законот за референдум предвидува ваквите изјаснувања да се организираат исклучиво во недела, па во игра се  9 –ти  и 16 септември, како и почетокот на октомври. Првиот датум се врзува со референдумот за македонската независност.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ