
Осомничен за крвавиот четврток, со меѓународна потерница, тргнал на прослава во ресторан-детали за апсењето на Додевски
Извори од полицијата за Телма потврдија дека синоќа е уапсен Младен Додевски, еден од осомничените за собраниските инциденти на 27-ми април, кој досега беше во бегство.
30-годишниот Додевски е уапсен пред ресторан во Скопје. Изворите на Телма тврдат дека тој се криел во град во внатрешноста по распишаната меѓународна потерница по него. Вчера полицијата дознала дека Додевски ќе оди во Скопје каде бил поканет на семејна прослава.
Полицијата го чекала пред ресторанот и го уапсила кога пристигнал. Веднаш е префрлен во полициска станица, а нему веќе му е определен притвор.
Додевски е од скопска Автокоманда од каде се и останатите засега недостапни осомничени за крвавиот четврток. Во бегство се и со меѓународна потерница се бараат и Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо, Дејан Давидовски и Митре Питроповски.
Додевски е осомничен дека е едно од лицата кои со фантомки на глава беа дел од упадот во Собранието на 27-ми април. Тој успеа да избега за време на акцијата за апсење на 36-мина осомничени, меѓу кои се и 6-мина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, екс министерот Митко Чавков, полицајци, вработени во собранието и 4-ца организатори на протестите За заедничка Македонија.
Миомир Серафиновиќ