ВМРО-ДПМНЕ очекува Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува претседателот Иванов да не го потпише Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците што вчера беше изгласан во Собранието. Указот веќе стигнал на масата на Иванов, но од неговата канцеларија засега нема одговор дали претседателот ќе го употреби правото на вето.  Од ВМРО-ДПМНЕ не испратиле официјално барање до Иванов тој да не го потпише указот.

„Двојазичноста на униформите на полицијата, на здравствените работници и на пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот, двојазичноста може да важи во локални, а не во државни институции. Законот го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот“, вели Костовски.

Законот предвидува покрај употребата на албанскиот на централно и на локално ниво, парите и поштенските марки да имаат албански симболи како и униформите на полицијата, пожарникарите и лекарите да бидат двојазични.

Во брифинг за новинарите, координаторот на СДСМ Томислав Тунтев рече дека откако Законот ќе стапи на сила одредбите за парите и за униформите, ќе бидат испратени до Венецијанската комисија. Откако ќе се добие мислењето на комисијата забелешките како и амандманите на СДСМ ќе се вградат во законот.

Тунтев појасни дека ако Иванов во рок од 7 дена не го потпише указот тој ќе се врати на гласање во Собранието кое може да го донесе Законот со просто мнозинство. Потоа Законот ќе стапи на сила без потреба Иванов да го потпише.

Дилемата за тоа дали Иванов ќе го употреби правото на вето се отвори откако во своето годишно обраќање во Собранието Иванов го критикуваше законот нарекувајќи го противуставен и закана за унитарноста на државата.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ