
Топлификација го обвинува ТЕ-ТО за лажен стечај за да не им го вратат долгот
ТЕ-ТО незаконски и со лажен стечај го спречува извршувањето на пресудата од Врховен за исплата на нивните долгови, обвинуваат од Топлификација. Според раководството на Топлификација, доколку стечајот се реализра, штетата кон нив ќе изнесува над 30 милиони евра со пресметани камати.
„Не важи ни пресудата на Врховен суд. До таа мерка е се одработено добро, бидејќи некого некојпат го интересирале само стечаите. Оттаму се заработува убаво“, вели директорот на Топлификација Димитар Хаџи-Мишев.
Овие пари, Топлификација ги има позајмено на ТЕ-ТО за изградба на нивниот објект. Од Топлификација посочија дека дел од парите кои ги имаат позајмено на ТЕ-ТО се реинвестирани кредити од домашна банка.
„Ќе има и Комерцијална банка проблем бидејќи не е едноставно било кој износ да го изгубите. Јас ви тврдам дека во Македонија нема фирма што може да изгуби 28 милиони евра и да преживее“, вели Хаџи-Мишев.
Освен стечај, ТЕ-ТО нуди и план за реорганизација за во следните 10 години да може да враќа 170 милиони евра долгови. На наводите од Топлификација реагираат дека со тоа се манипулира јавноста
„Компанијата ТЕ-ТО АД Скопје ја поздравува одлуката на надлежниот Суд за одобрување на планот за реорганизација со цел финансиска консолидација на компанијата и овозможување истата да продолжи редовно да работи. Наводите што ги изнесува во јавноста одредена заинтересирана страна во постапката се невистинити и целосно ги отфрламе“, велат од ТЕ-ТО.
Според раководството на Топлификација – главниот акционер во ТЕ-ТО, Битар Холдингс Лимитед преку извршител ги блокирал сметките, недвижностите и подвижниот имот на ТЕ-ТО. Со тоа се создадени услови да се подигне стечајна постапка на компанијата.
Ова се случува откако компанијата ТЕ-ТО остварува добивка од 8 милиони евра за минатата година. Од Топлификација информираа дека овој судски спор нема да влијае негативно на испораката на топлинска енергија до домовите.
Петар Догов