
Солзавецот и шок бомбите биле употребени „по книга“, тврди министерот Спасовски
Солзавецот и шок бомбите на инцидентите на протестите во недела биле употребени „по книга“, тврди министерот Оливер Спасовски. По нападите врз полицајците, тактичката процена била употреба на хемиски средства, вели Спасовски кој апелираше демонстрантите да протестираат мирно без напади врз полицијата како што една група маскирани направи во недела.
Но дека не е се по книга, се сомневаа и многу граѓани и организации меѓу кои и хелсиншкиот комитет кој ќе побара детални информации од внатрешната контрола на МВР зошто е употребен солзавец во ситуација кога имало и повозрасни граѓани и мали деца во паркот спроти Собранието. За инцидентите пак опозиционата ВМРО-ДПМНЕ обвини дека е сценарио на власта која сака да ги заплаши граѓаните да не протестираат против договорот за името.
Министерот смета дека нема основа за загрозување на безбедноста од поголем обем, а за заканите кои главно преку социјални мрежи се шират против носителите на власта вели дека се преземаат соодветни мерки. Спасовски ова го рече по отварањето на новиот објект за тактичка вежба на специјалците. Новата куќа за пукање е изградена со американска донација од 900-тини илјади евра, а треба да ја подобри подготвеноста на полициските специјалци.
Миомир Серафиновиќ