
Претседателот Иванов непопустлив и по најавата на премиерот за импичмент
Претседателот Иванов нема да го потпише договорот за името и покрај најавата на премиерот дека, ако не го стори тоа, ќе се соочи со отповикување, односно импичмент. Побара од Заев, кој ја најави оваа можност во интервју на Канал 5, веднаш да го стори тоа
Вчера премиерот изјави дека е можно да дојде до смена на претседателот, ако одбие да го потпише договорот за решавање на спорот за името, доколку граѓаните на референдумот кажат „да“. Најави можност и да ја прошири владата, со цел да добие двотретинско мнозинство во Парламентот, за да го смени Иванов од функцијата.
Уставот предвидува две можности по кои може да се отповика претседателот на државата, но и за двете е потребно двотретинско мнозинство. Во првиот случај, во член 83 се вели дека, имунитетот може да му биде одземен од Уставниот суд, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии“. Ако тие утврдат одговорност, функцијата му престанува по сила на Уставот. Членот 87, пак, предвидува дека претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Ако ги прекрши, постапка за утврдување на одговорност, може да покрене и Собранието, но повторно со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Премиерот најави токму таква варијанта, со докажување дека Иванов не ги врши своите права и должности во случаите со непотпишувањата на указите за Законот за употреба на јазиците и ратификацијата на договорот за промена на името. И за двата закони претседателот се изјасни дека нема да ги потпише затоа што се противуставни. Но, владејачката коалиција засега нема двотретинско мнозинство од најмалку 82-ца пратеници. Во нејзин состав се 67 пратеници. Под претпоставка да добијат поддршка и од петмината пратеници од албанската опозиција, повторно ќе им фалат девет гласа.
Далиборка Дамјанска Цветановска