Колку ќе го (пре)платиме автопатот Кичево-Охрид ќе знаеме за еден месец

За еден месец ќе се знае колку плус пари земјава ќе ја чини изградбата на автопатот Кичево – Охрид. За него првично беше соопштено дека ќе тежи 374 милиони евра плус 10 отсто за непредвидени работи, или вкупно 411 милиони, но работите на терен покажаа дека ќе бидат потребни многу повеќе пари. Од Владата ветуваат дека штом ги завршат преговорите со Кинезите и ги направат пресметките, веднаш ќе и ги соопштат на јавноста.

Овој автопат требаше да биде готов до јануари идната година, но рокот веќе е пролонгиран со анекс за три години или до средината на 2021. Изградбата е сосема забавена, заради големите грешки во проектирањето за кои Владата ги обвинува претходниците.

На сметка на Владата се уште стојат 220 милиони евра од кредитот од ЕКСИМ банка, кои не можат да се користат. За нив да ги пренамени и да ги користи за градење онаму каде што состојбите се чисти, таа мора да бара дозвола од Собранието.

„Ова е единствениот автопат за кој се носел закон во Парламент, а не како во другите земји, во нормална тендерска постапка. Доколку работиме по проектот онака како што е, не ми требаат толку многу пари, но патот ќе биде неупотреблив. Треба да изградиме минимум осум клучки коишто ќе ги опслужуваат луѓето од Кичево до Охрид. Како што е сега проектиран патот, од Кичево до Охрид не ќе може ниту да се качите, ниту да се симнете. Мора да има сервисни патишта“, вели Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Не се знае дали додатните пари повторно ќе се обезбедат преку кредит од ЕКСИМ банката.

Јасно е дека ќе има многу дополнителни работи од првично договорените, потребни се дури 57 препроектирања, пред се за клучките, косините, сервисните патишта и тунелот. Битката со Синохидро е како барем за новите ставки да не се плаќаат толку високи цени како за основниот проект и да се намалат огромните маржи кои тие досега си ги земале. За тунелот се покажало дека земјиштето било лошо проценето и е многу понеквалитетно, па ќе чини многу повеќе, па австриски и американски експерти за тунели ќе помагата како тој да се доврши и за него да се испреговара разумна цена.

За Кичево-Охрид досега се направени околу 1000 експропријации, но додатните работи ќе отворат и нови вакви постапки. Китанов вели дека тие не ја одредуваат цената што им се плаќа на граѓаните, туку државен проценител, но смета дека не сите што се жалат биле оштетени, накеде земјиштето било и преплатено. За оние што тужат судот ќе го каже последниот збор.

Со вкупно 270 милиони евра што годинава ќе се вложат во патиштата во земјава, министерот Сугарески очекува градежна инвазија во август и септември, што во второто полугодие треба да ја крене економијата, која забави на само 0,1 отсто во првиот квартал.

Кај Миладиновци – Штип биле надминати сите проблеми и се очекува овој автопат да биде готов до септември годинава. Ќе чини околу 227 милиони евра, но од Владата велат, можни се и заштеди бидејќи домаќински работеле.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ