
Коѕијас: Не го склучивме договорот, за да добиеме нешто во замена
Склучивме меѓународен договор и ги земавме предвид нашите и нивните интереси, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, коментирајќи го договорот меѓу Македонија и Грција, во интервју за грчката телевизија „Антена“.
Pо објавувањето на договорот, во Грција, не стивнуваат негативните реакции, во однос на вклучувањето на терминот „македонски“ за јазикот и државјанството. Јазикот е признат уште од 1977 година од ОН вели Коѕијас, додека пак за самоопределувањето рече дека тоа е право кое што никој на никого не може да му го одземе.
„Во однос на прашањето Македонија и Македонци, тоа е она што тие во преговорите, го поставија како главна тема за која не преговараат, да го задржат нивното самоопределување. А главното и најтешко прашање во преговорите, е да не им го дадеш. Затоа што, ако не им го дадеш, го негираш највисокото право признаено од ОН и меѓународното право за самоопределување, односно правото да се именуваат онака како што тие сакаат. Ако го сторевме тоа, немаше да има договор“, рече Коѕијас.
Коментирајќи ги реакциите во Грција, тој рече дека мнозинството од народот сфаќа дека грчката Влада „не создаде, туку реши проблем“, но и дека „секоја промена создава несигурност и прашања.
Шефот на грчката дипломатија изрази надеж дека договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент и покрај несогласувањата од коалициониот партнер во владата, дека сепак ќе биде поддржан од пратеници на опозициските партии.
На прашањето зошто и во Грција нема да се одржи референдум, Коѕијас рече дека тие не менуваат Устав или име за да треба народот да одлучува. Никос Коѕијас во интервјуто го коментираше договорот, колку е тој и во кои делови корисен за Грција, но и за стабилноста во регионот и повторно упати критики до опозициската Нова демократија за позициите што партијата ги имала додека се воделе преговори кога била на власт.