
Со европско знаменце ќе се ограничи расправата во Парламентот за договорот за името
Договорот за името се сели во Парламентот. Утре претпладне пратениците ќе ја почнат расправата за потребата од негова ратификација. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа седницата откако денеска се сретнал и со координаторите на пратеничките групи, вклучувајќи ја и опозицијата. Очекува до петок договорот да биде ратификуван. Предлог-законот што претпладнево го усвои, Владата го достави со европско знаменце, што беше пресудно, по изгласувањето на потребата, расправата да се пресели во Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Артан Груби, а не во Комисијата за надворешни работи, со која претседава Антонио Милошоски и која е матична за ратификации и билатерални договори.
Милошоски, реагираше дека, во Европа не постои парламент каде што се прескокнува ова работно тело за да се ратификува билатереален или меѓународен договор. Со ова, вели, владата ја злоупотребува својата позиција за да ја протурка ратификацијата во парламентот со што помалку расправа.
Груби денеска двапати ги избегна новинарите, одбивајќи да одговори зошто предлогот ќе се разгледува во неговата комисија и дали можеби и овде ќе се обиде да ја одбегне разправата како што тоа го стори со Законот за јазици. Во член 60, став 4 од собранискиот деловник, се вели дека, работното тело на кое се разгледуваат одредени прашања, го определува претседателот на Собранието. Токму тоа беше и одговорот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на истото прашање.
Европското знаменце, сепак, го обврзува Талат Џафери, матично тело за овој закон да биде Комисијата за европски прашања. Откако ќе биде изгласана потребата од донесување на предлог-законот, расправата се сели во собраниската комисија. Членот 169 од деловникот, пак, ја уредува постапката за ратификација на меѓународни договори. Во него стои дека, расправата за овие договори се одвива како и за законите по итна постапка. Пратеник, член на работно тело може да говори повеќе пати по 20 минути, а координатор на пратеничка група по 30 минути. Но, расправата може да трае најмногу три дена. На собраниската седница, пак, не се одржува општ претрес. Второто и третото читање се на иста седница. Второто читање започнува со претрес по предлог- законот и тука не важат временските ограничувања од овој деловник. Собранието може да побара од матичното работно тело и Законодавно правната комисија да се изјаснат по амандманите поднесени по завршувањето на нивните седници.
Откако ќе завршат комисиите со работа, законот повторно се враќа на пленарна седница , а гласањето ќе биде со просто мнозинство од 61 пратеник. Поддршка на владата ќе и дадат сите партии на Албанците, вклучително и тие кои се во опозиција.
ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да го поддржат договорот. Ратификацијата во парламентот е услов што треба да го исполнат македонските власти, за потоа грчката страна да ги извести ЕУ и НАТО дека е надмината најголемата пречка за продолжување на интеграцискиот процес на Македонија. Во овој случај, важно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет на крајот на месецов, со оглед на очекувањата нашата земја да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. По ратификацијата, договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, а доколку повторно биде изгласан, пак се враќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Далиборка Демјанска