Ќе има финансиски импликации од договорот, ќе се подмируваат постепено

Сите трошоци што ќе ги имаат институциите поради промената на документите како резултат на спроведувањето на договорот за промена на името, ќе се подмируваат постепено. Вицепремиерот Анѓушев вели дека тоа ќе се случува во еден подолг временски период и ќе се одвива паралелно со преговорите за членство во ЕУ. Според него, без разлика на трошоците, договорот ќе донесе голем економски бенефит за идните генерации. По влегувањето во НАТО и ЕУ земјите од  соседството имале големи придобивки, зголемување на странски инвестиции, отворање на европски фондови и полесен пристап до европските пари.

„Сите во тој период и секако ќе мора да менуваат документи или какви било други материјали кои ќе предизвикаат трошоци“, рече вицепремиерот Анѓушев. „Прашањето за името е од сферата на надворешната политика, но е и економско зашто сите инвеститори кога доаѓаат во некоја држава прашуваат колку е стабилна и дали во неа има владеење на правото. Економските бенефити од договорот со Грција и од решението на овој проблем или прашање за нашите идни генерации ќе бидат неспоредливо повисоки од кој било трошок што би настанал за имплементација на овој договор“, потенцира Анѓушев.

Во делот за економија, во договорот е наведено дека земајќи го предвид фактот дека земјава или втората страна е држава без излез на море, Страните ќе се раководат од релевантните одредби на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето. Страните ќе ја развиваат нивната економска соработка, а особен фокус ќе се стави на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата…

„Страните ќе поттикнуваат заемни инвестиции и ќе ги преземат сите неопходни мерки за нивна делотворна заштита, вклучително и мерки против прекумерна бирократија и за надминување на институционалните, административните и даночни пречки “, стои во договорот.

Вицепремиерот вели дека Владата со задоволство ќе ја прифати средбата која од поодамна ја иницира Хеленик петролеум околу нафтоводот. Преговорите не се почнати, но нема да бегаме од разговор, ни од проблемите кои се наследени, тврди Анѓушев. Кон Грција ќе се гради и интерконектор за поврзување во гасификацијата, тоа се очекува во втората половина на идната година.

„На граѓаните нема веднаш да им биде јасно што значат настаните од минатиот викенд, но има време пред нас во кое ќе им овозможиме да разберат. Јас сум европски бизнисмен и јасни ми се придобивките од тоа што Македонија ќе биде интегрирана во ЕУ. Минатиот викенд се покажа дека Македонија не е остров и дека е во интеракција со своите соседи. Истото важи и за странските инвеститори во Македонија, тие не се остров. Странските инвеститори се интегрираат во македонското општество“, додаде Петер.

Според него, Договорот е прва цигла од куќата наречена Европска унија.

Во Договорот е наведено и дека страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, а ќе градат и нови, за да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ