Дали Македонија ќе трпи последици за археолошкото наследство по договорот?

Договорот за решавање на спорот за името, кој според најавите треба да биде потпишан викендов, отвори дилеми кај научната јавност. Таа предупредува дека договорот содржи многу недоречености, кои можат да имаат далекусежни последици и ја доведуваат во прашање историјата на Македонија. Според историчарот на уметност и археолог Гоце Ангеличин Жура многу е погрешно Македонија да се откаже од богатото културно наследтво кое потекнува од античкиот период за да се задоволат барањата на друга држава.

Историски факт е дека античкиот град Хераклеа Линкестис кај Битола го формирал Филип Втори кој ги изградил и цитаделите во древниот Лихнид – Охрид и кај Св. Еразмо Охридски, каде со археолошките истражувања од 2000 година наваму се пронајдени илјадници вредни артефакти од античко време, како и гробници на македонски кралеви, посочува Жура.

Жура го посочува и членот 8 од Договорот според кој треба да се отстранат знаци кои се поврзуваат со хеленистичкиот период, што според него исто така е дискутабилно и не соодветствува на историските факти.

Според Жура откажувањата кои според Договорот за решавање на спорот за името треба да ги направи Македонија всушност ќе претставуваат искривување на историјата на македонскиот народ и оспорување на неговата државотворност, што е спротивно на непобитните докази за негово постоење на овие простори од дамнина, што го потврдуваат древните остатоци на Охрид, каде цивилизација и континуиран живот има повеќе од 7000 години.

Горан Момироски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ