
ЕЛЕМ не чувствува одговорност за вискокиот водостој на Охридското Езеро
ЕЛЕМ не чувствува одговорност за вискокиот водостој на Охридското Езеро, кој предизвикува штети во делови од крајбрежјето, поради што угостителите неодамна се заканија со тужба. Велат дека тоа е последица на природни осцилации, и тврдат дека одговорно се стопанисува со водните ресурси на езерото. Дел од одговорноста за настанатите штети, според ЕЛЕМ, имаат самите угостители.
Во март Охрид два пати беше погоден од невреме при што најмногу штети имаше на летните тераси и платформи на угостителските објекти во центарот на градот кои се изградени во вода. Водостојот на езерото и натаму е висок и може да предизвика нови проблеми предупреди неодамна Еснафот на угостители.
Локалната самоуправа најави помош за оштетените граѓани, но предупреди дека нема да има отшета за објектите изградени без соодветна документација, индиректно оспорувајќи ја легалноста на платформите и терасите изградени во вода. За проблемот свесни се и самите угостители.
Проблемите на угостителите не го оспоруваат фактот дека Охридското Езеро, кое најголем басен со питка вода во овој дел од Европа и светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, со децении се користи како акумулација за производство на ел. енергија. Од ЕЛЕМ тврдат дека езерото не се користи како акумулација бидејќи нема брана, туку само оптимално се искористува водата од него. Најавуваат модернизација на испустот на езерото во Дрим, каде се планира изградба на нова хидроелектрана.
Како ќе се искористуваат водните потенцијали на Охридското Езеро во иднина во голема мера ќе зависи од ревидирањето на билатералниот договор со Албанија, на кој работат работни групи од двете земји.
Горан Момироски