Владата го објави договорот за името

По еден час разгледување, владата го усвои договорот со Грција за решавање на спорот со името и тој сега на 19 страници и со 20 члена е ставен на увид на јавноста. Министерот за надворешни Никола Димитров на затворената седница на владата, што се одржа доцна попладнево, информирал за текот на целиот процес и за чекорите кои ќе следат за реализација на договорот со кој се предлага име Република Северна Македонија, а премиерот Заев дека владата е горда на ова решение.

„Спогодбата пријателски ги утврдува интерпретациите на поимот „Македонија“, при што на достоинствен начин се зашитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ. Заев лично изрази дека тој силно верува во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината на земјата“, кажа Миле Бошњаковски портпарол на Влада

Бошњаковски не прецизира дали договорот ќе биде потпишан во Мала Преспа во текот на викендов. Сепак од владини извори не ја исклучува таквата можност.

„Во моментов не е позната точната локација и исто така не е утврден денот кога ќе биде. Утре попладне може малку подоцна ќе знаеме се“.

Договорот за решавање на спорот со името ќе го потпишат министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на премиерите Заев и Ципрас, а на парафирањето на документот се очекува да присуствува и евродвоецот Могерини и Иан и медијаторот Метју Нимиц.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ