
Интерпелација за Ципрас поради договорот со Македонија
Лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, од говорницата на грчкиот парламент им соопшти на пратениците дека неговата партија поднесува иницијатива за за гласање недоверба на грчката влада поради договорот со Макеоднија. Мицотакис го предизвика Ципрас, предлогот за гласање недоверба да го претвори во предлог за гласање доверба за да се види дали постојат 154 пратеници „што се подготвени да кажат да за потпишувањето в недела во Преспа. Пратеничката расправа за интерпелацијата е закажана за 17 часот.
Премиерот Ципрас најави дека денеска ќе го достави договорот за решавање на спорот за името со Македонија во грчкиот Парламент, а според грчките медиуми, планот бил пратениците за договорот да расправаат утре. Во вчерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ ги нарече „трговци со патриотизам“ опозицијата што се противи на договорот.
„Ако ги заменеа текстовите од изјавите, немаше да има никаква разлика, токму истото го кажаа: национално понижување, национална отстапка. Ги видов изјавите на господинот Самарас и на господинот Иванов, ако се заменеа, токму истото го кажаа“, рече Ципрас.
Покрај Нова Демократија, ниту останатите опозициски партии во Грција не се премногу воодушевени од договорот. Златна Зора најавува протести во Солун, Сојуз на централисти е против уботребата на името Македонија а додека Комунистичката партија има проблем со прифаќањето на македонскиот идентите и јазик.
По умерена е Алијансата – Движење за промени и нејзината претседателка Фофи Генимата, според која договорот е чекор во вистински правец, но сепак е нецелосно решение.
„Овој договор може да се прифати ако измените во македонскиот устав содржат прилагодувања на етничката припадност и јазикот под новото име и ако писмото со поканата за членство во НАТО биде испратено по завршувањето на тој процес“, вели Генимата.
Против договорот е и коалициониот партнер во владата на Ципрас, Панос Каменос, но грчкиот премиер тврди дека од лидерот на партијата Независни Грци добил гаранции дека и покрај тоа што тие не го подржуваат договорот, нема да гласаат за недоверба за да ја урнат владата.
Игор Трајков