
Да не се бараат само грешките и фирмите да не се казнуваат без можност да се поправат, бара ССК
На инспекциските служби кои вршат контроли во фирмите да не им биде главна цел да бараат и откријат грешки и веднаш да ги казнуваат, туку да делуваат превентивно и едукативно, да му укажуваат на бизнисот како грешките да не се повторат. Ланската анкета на Сојузот на стопански комори покажала дека стилот на работа на нашите инспекторати се горлив проблем, и нив им треба сериозна реформа и подобрување. ССК се надева дека нивните забелешки и сугестии ќе бидат земени предвид во новиот Закон за инспекциски надзор кој сега го подготвува Министерството за информатичко општетство и администрација, а треба да биде усвоен за околу два месеци.
„Ние не се противиме на контролите, туку на начинот, не треба да бидат контролите за да се најдат нерегуларности, туку заедно да се фокусираме, и ние како компании, и инспекциските служби, доколку некаде се најде одредена нерегуларност, да се даде можност истата да се исправи, без протоа компаниите да трпат штета“, вели Александар Милошевски, потпретседател на ССК.
Инспекторите немале желба за едукација. Од нив се бара да им објаснуваат на фирмите, особено на микро и малите, кои документи се задолжителни и како да се прилагодат на законите, а не да делуваат репресивно и за ненамерни нерегуларности, главно поради непознавање на регулативата. Но, за оние кои ги знаат а намерно ги кршат законите за да профитираат, да нема попуштање.
„Има компании и компании, има такви кои тенденциозно грешат и ненамерно, односно во работењето нивните сметководствени служби направиле грешка, таму да се исправи грешката“, вели Милошевски.
ОД ССК не сакаат да кажат конкретно со која институција имаат најголем проблем, но најчесто биле под лупа на контролите на Трудовиот инспекторат и УЈП, но и на пазарните инспектори. Најмногу инспекции имало во туризмот и угостителството, текстилната индустрија и градежништвото, а најмалку во ИКТ секторот. За време на оваа Влада казните биле малку намелени, но не и оние за трудовото право и затекнати непријавени работници. На Владата и порачуваат прво да ја регулира сивата зона, работењето без регистрирана дејност и фирма, а потоа да ги контролира легалните компании што плаќаат даноци.
Нина Нинеска-Фиданоска