Иванов „избркан“ од Борисов и Захариева

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ја откажа средбата со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, која беше закажана за утре. Според бугарските медиуми, Борисов ја информирал министерката Захариева да не го прима македонаксиот претседател.

Причината за откажувањето на двете средби е арогантното однесување на Иванов во текот на вчерашниот ден откако беше објавено постигнатото решение за проблемот со името меѓу Македонија и Грција. На утрешната средба тема на разговор требаше да биде постигнатиот договор со Грција, но од бугарската влада велат дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на соседната држава.

„Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Република Македонија. Владата не гледа смисла да биде вмешана во внатреполитичките дебати во Скопје. Клучно за иднината на нашиот сосед и интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа не треба да биде доведено во прашање“, соопштија од бугарската влада.

Иванов денеска се сретнал само со неговиот бугарски колега Румен Радев. Бугарските медиуми оценуваат дека откажувањето на средбата од бугарскиот премиер претставува исклучителен скандал. Како што пренесуваат, не само Атина, туку и високи прететсвници од ЕУ се разочарани од однесувањето на македонскиот претседател и кој, според бугарските медиуми, на многу лош начин го саботира процесот за постигнување на договор, како и на евроатланстките интеграции на Македонија.

Во овие моменти се одржува прес конференција на која од кабинетот на Иванов рекоа дека ќе го искажат ставот за одложувањето на средбите со премиерот Борисов и министерката Захариева.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ