Иванов: Нема да легализирам политички дивоградби

Денеска за прв пат на увид ми беше доставен постигнатиот договор меѓу Заев и Ципрас. на средбата со премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност, рече претседателот Ѓорге Иванов на денешното обраќање пред јавноста.

„Овој личен договор е напуштање на досегашните позици, а кои беа потврдени на досегашните лидерски средби, дека нема да има менување на името за севкупна употреба. Ваквиот штетен договор кој е единствен во човештвото е неприфатлив и недостоинствен. Со него се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби. Целиот процес се одвиваше нетранспарентно. Текстот на договорот е поразителен за РМ. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата. Дали е тоа патриотизам, дали е патриотизам биршење на членот за заштита на малцинствата? Дали е достоинствено да се прифатат сите грчки барања, нема гаранции за македонската страна, се отвараат повеќе проблеми отколку што се затвараат“, кажа Иванов.

Тој вели, Грција ги исполнила своите максималистички барања и сега преку договорот сака да го направи на Македонците во Македонија истото што го направила на Макдонците во Грција.

„Го повикувам македонскиот народ да не се плаши. Чувајте го, негувајте го нашиот вековен идеал на непокорот. Нема да ме поколебаат со притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам ваков штетен договор“, кажа Иванов, кој не одговори на новинарски прашања.

Според него, преку договорот, Грција добила се, а Македонија ништо.

„Се погазува заветот на нашите предци, оние кои со чисто срце го создаваа вековниот стремеж на нашата една и единствена Македонија. Се брише историјата за независна Македонија. Им се ускратува правото на неродените да бидат Македонци. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор. Ваквиот договор го поларизира наместо да го обединува општеството“, истакна Иванов.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ