
Претседателот Иванов го напушти состанокот со Заев и Димитров
Две минути. Толку траеше средбата на претседателот Ѓорѓе Иванов со премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Димитров. Иванов го прекинал и напуштил состанокот, одбивајќи да ги чуе нивните аргументи за договорот. Од неговиот кабинет најавија дека претседателот во текот на денот ќе и се обрати на нацијата и ќе ги соопшти своите ставови. Од владата велат дека премиерот и министерот имале конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината на договорот, но претседателот одбил да разговара со нив. Сепак, очекуваат да се предомисли и да даде поддршка.
Министерот за надворешни работи на фејсбук напиша дека до крај ќе го брани договорот.
Претседателот деновиве го искажа својот став дека нема да го потпише договорот затоа што е штетен за Македонија. Изјави и дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно за македонските граѓани, како и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави. Тој с епротиви и на измени на Уставот, а смета и дека зачувувањето на уставното име во никој случај не е насочено против интеграцијата на Македонија во Европската Унија и НАТО.
Далиборка Дамјанска Цветановска