
Мирен марш на лицата со хендикеп во Тимјаник денес
Во Тимјаник денес е мирно. Доцна попладне е најавен мирен марш на лицата со посебни потреби. Ова следи како одговор на вчерашните реакции на насобрани граѓани, кои бараа градинка, а не дом за деца со посебни потреби. И покрај сите одговори на министерката за труд и социјала, Мила Царовска, дека децата со попреченост во развојот не се никаква закана за околината, дел од граѓаните не се согласуваа. Министерката смета дека Тимјаник покажа колку му е потребна едукација на населението кое природно е да се плаши од нешто што не му е познато.
Од УНИЦЕФ повикуваат на кампањи за зголемување на свесноста во општества како нашето, за да се спречат вакви појави во иднина.
„Кај повеќето луѓе вчера повеќе беше проблемот не во тоа дека тие имаат нешто против децата со попреченост, туку дека тие имаат проблем со својата сиромаштија. Така што, ние треба да земеме во предвид дека тие имаат свои приоритети, и да не дозволиме да се натпреваруваат нивните приоритети со нашите. Сметам дека е важно жителите на овие места да бидат сослушани од страна на локалната заедница, да им се објасни за што се работи и да се земе во предвид тоа што тие го кажуваат“, кажа Бенџамин Перкс – Претставник на УНИЦЕФ.
Само 3 деца со воспитувач ќе престојуваат во објектот на поранешниот здравствен дом во село Тимјаник, неготинско. Министерката Царовска нема да отстапи од намерата домот да заживее и функционира најнормално, а ќе оствари и нова средба со нив.
Во рамки на политиките на министерството за деинституционализација, две недели откако Труд и социјала започна кампања за згрижување на деца во згрижувачки семејства, 75 лица пројавиле интерес за згрижување деца. Моментално, 302 деца се сместени во 172 згрижувачки семејства.
Петар Догов