
Петмина од дванаесет обвинети не дојдоа на стартот на судењето за случајот „Тамара“
Пропадна првиот обид за старт на судењето за случајот со смртта на девојчето Тамара Димовска од Велес. Од дванаесетмина обвинети петмина не дојдоа во суд. Кај поранешната директорка на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова никој не отворал за да ја прими поканата, полицијата и оставила известување но и покрај тоа не беше дојдена на првото рочиште. Докторката Аспазија Софијанова пак поради работни обврски не можеше да дојде. Останатите тројца обвинети Александар Стојановиќ, Шабан Мемети и Ристе Симеонов не се пронајдени на адресите кои ги имал судот.
На обвинителна клупа сепак седнаа поранешниот директор на фондот Џемали Мехази и претседателката на управниот одбор Елена Трпковска како и докторите и членови на комисиите кои одлучуваа за лекување во странство Владимир Поповски, Александар Чапаровски, Лилјана Тозија, Наталија Долненац Банева и Никола Граматиковски. Сите обвинителството ги товари за несовесно работење во службата.
Меѓу нив не е екс министерот за здравство Никола Тодоров бидејќи обвинителството не нашло кривично дело во неговото постапување за овој случај. Мајката на Тамара Жаклина Димовска, не присуствуваше на стартот, нејзиниот адвокат се надева на правично судење.
Додека повеќе од три години се чека за старт на овој судски процес, паралелно веќе привршува оној за обид за убиство на екс министерот Тодоров, против дедото на девојчето. Вчера во своја одбрана Љупчо Стојановски пред судот тврдел дека немал цел да го убие туку да го заплаши. Ако сакал да го стори тоа ќе го сторел многу порано во претходните три години а имал и шанса бидејќи го гледал и во Велес. Сепак тоа не му било целта. Бидејќи се работело за примопредавање на фиункцијата мислел да испука во воздух и да извика дека не сака да има нови Тамари. На овој начин сакал и новиот министер Арбен Таравари да ја слушне пораката дека треба да се грижи за сите блни деца. Сепак Стојановски рече дека не ни испукал бидејќи претходно некој го соборил.
Инаку кај него на дланките не се најдени траги барутни честички, а немало траги ниту на маицата која ја носел, покажало вештачењето. На следното рочиште биохемичари ќе објаснуваат зошто нема траги од барут кај дедото кој од лани е во притвор. Стартот на случајот за одговорноста за смртта на неговата внука Тамара пак е закажан за на 4 ти јули.
Билјана Николовска