Се чека пак да заѕвони телефонот меѓу Скопје-Атина

Доцна попладнево се очекува повторно да заѕвони телефонот на релација Скопје – Атина. Со тоа, премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе го финишираат договорот за спорот со името. За вечерва Ципрас веќе има најавено прес конференција, додека македонската страна молчи. Неофицијално, се чека за договорот првин да биде информиран посредникот Метју Нимиц, па потоа да се откријат детали. Премиерот и денеска беше резервиран.

Во врска со имињата што се спомнуваат во јавноста како можно решение, Заев рече дека јавноста ќе биде запознаена со сите детали веднаш штом биде постигнат договор. За забелешките од претседателот Иванов за начинот на кој се води процесот, Заев рече дека верува дека ќе имаат состаноци, каде можат да ги извадат сите аргументи. Апелираше до сите политички фактори да бидат внимателни и да им помогнат на граѓаните, а не да им одмогнат во демократското право на носење одлуки.

Претседателот Иванов, пак, преку соопштение укажа дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно за македонските граѓани, како и наметнатите технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави. Вели дека премиерот манипулира со вчерашната изјава во емисијата „Топ тема“ на Телма, дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и зголеми внатрешните опасности.

Иванов бара национален консензус за името. Грчката опозиција, пак, бара итна расправа во парламентот пред да се потпише договорот.

Коалицискиот партнер во грчката влада, претседателот на Независни Грци, Панос Каменос останува на неговиот став дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија. Сепак, оцени дека, ако не се задржеше Македонија во името,ќе гласаа „за„, затоа што   договорот е силен и е во корист на Грција.

Каменос објаснува и дека, и да се потпише, договорот нема да стапи на сила сѐ додека не добие мнозинство во македонското Собрание, додека не се одржи референдум, па повторно да се изгласа со двотретинско мнозинство. Дури кога сето ова ќе се заврши, тогаш ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент или ќе  следи друг процес за кој ќе се одлучи тогаш.

Ниту македонската, ни грчката влада не откриваат детали за договорот, но грчките медиуми, повикувајќи се на свои извори го објавија речиси целиот. Пишуваат дека договореното име е Република Северна Македонија, и за меѓународна и за домашна употреба. Придавката македонски пред државјанството и јазикот останува, со дообјаснување дека македонскиот јазик е словенски јазик, а за државјанството ќе се користи терминот македонско и граѓанин на Република Северна Македонија кој не е поврзан со античката грчка цивилизација.

Од македонскиот Устав ќе треба да се избрише членот кој предвидува грижа за „македонското малцинство“ надвор од границите на државата. За комплетирање на договорот ќе се чека на ратификација во македонскиот парламент, а, како што е и најавено, ако претседателот не го потпише, ќе се оди на второ гласање.

Потоа,пишуваат грчките медиуми, грчката влада со писмо ќе ги информира ЕУ и НАТО дека го охрабрува почетокот на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата. На 11 јули, на самитот на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија. Премиерот Заев со писмо треба да ги информира 190 –те земји членки на Обединетите нации дека земјата во иднина ќе го користи името Република Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните форуми.

До октомври во Македонија ќе треба да се организира референдум и ако резултатот е позитивен, ќе се продолжи со уставните промени. Постојат и правни гаранции ако резултатот е негативен, а ќе следат и предвремени парламентарни избори.

По денешниот разговор меѓу Ципрас и Заев, се очекува да се вклучи и медијаторот Метју Нимиц. Ако сѐ оди според планот можна е средба меѓу Зсев и Ципрас до крајот на неделава во Мала Преспа, на грчка територија.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ