
Коѕијас за телефонскиот разговор Заев-Ципрас: „Да, ќе биде“
„Да, ќе биде“. Ова е кусиот одговор на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на прашањето на новинарите, дали премиерите Ципрас и Заев денеска ќе се слушнат по телефон. Тој утрово беше повикан на вонреден состанок во премиерскиот кабинет, што подгреа шпекулации дека долгонајавуваниот телефонски разговор конечно ќе се случи. Премиерот Заев, пак, вешто го одбегна директниот одговор на истото прашање.
Тоа, рече Заев, би бил договор најпрвин меѓу премиерите, па меѓу министрите за надворешни работи, а дури потоа ќе бидат информирани претседателот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните. Конечната одлука ќе биде донесена на референдум. Негираше дека процесот се одолговлече поради дополнителни барања од грчката страна.
Премиерот остави можност и поради договорот да го одложи најавеното патување во Германија, утре и задутре, за кое негираше дека е со цел да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел за да и го „предаде предлогот за решавање на деценискиот спор околу името“, како што шпекулираат грчките медиуми. Тврди дека заминува во Франкфурт со министрите за здравство и за финансии, на средби со претставници од германското здравство, Дојче банк и 16 компании заинтересирани за инвестиции во Македонија. Нагласи дека деновите за решение се броени и врзани со Самитот на ЕУ закажан за 25 и 26 јуни.
Од грчката опозиција, пак, побараа Ципрас итно да го извести парламентот за последните случувања во разговорите за името.
Грчкиот министер без ресор, Алекос Флабурарис, ги повика коалиционите партнери во владата да не го спречуваат решението, за кое вели дека ќе се постигне многу брзо. Изјави дека се работи за „сложено име за внатрешна и надворешна употреба, со отстранување на иредентистичките претензии и промена на Уставот на соседната земја„.
Грчките медиуми шпекулираат и дека во договорот е речиси сè затворено, со исклучок на договорениот распоред. Најавуваат еден вид на меморандум што ќе го продолжи спроведувањето на договорот во период од околу две години, за да се обезбедат заштитни мерки за исполнување на сите обврски што треба да ги преземе Македонија. „Ако македонскиот парламент го одобри договорот, Атина со писма до ЕУ и НАТО ќе ја ‘деблокира’ можноста земјата да се приклучи на двете организации. Но, ако референдумот не успее, тогаш договорот нема да се спроведе, па прашањето е што со претходно „деблокираните“ можности за Скопје. Особено што во Атина сметаат дека за Македонија и онака се неизвесни чекорите кон ЕУ. Треба да се надминат и сериозните забелешки за понатамошно проширување на Унијата, од Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска“, пишува „Катимерини“.
Далиборка Дамјанска Цветановска