
Честите кражби во домовите ги држат граѓаните будни
Во Скопје се повеќе и повеќе се краде. Луѓето се исплашени од постојано високиот број на кражби и од крадците кои на различни начини им ги обиваат домовите и им одземаат пари, накит и скапи работи.
Летниот период, освен за годишни одмори, е карактеристичен и за полните билтени на МВР со секаков вид на кражби во куќи и станови. Тоа го покажуваат и статистиките на Министерството за внатрешни работи за минатото лето, кои измериле бројка од над 1200 сторени кривични дела кражби, во јуни и јули. Во време кога огромна е активноста на социјалните мрежи, луѓето кои јавно откриваат дека подолго време ќе отсуствуваат од дома всушност го вклучуваат алармот кај криминалците.
Некои од луѓето кои и самите биле ограбени, коментираат дека речиси е невозможно да се застане на патот на добро организираните крадци кои пустошат низ градот.
„Станот ми е осигуран, приватно е осигуран, но – и станот ми е обиен, а сега пред малку време ми го украдоа и акумулаторот. Многу се појавија големи кражби, да не смееш да отидеш некаде. Се знаат да отворат-и брави и коли и клучеви. Како ги отвараат господ знае“.
„Зградата иако има аларм, шифра за отварање и затварање – пак влегуваат, пак крадат. Контрола почесто да има, полицајци да шетаат, како што имаше порано во Југославија. На секој чекор ќе најдеш полицаец. А, сега ги нема никаде“.
„Нон стоп само тоа слушаме, на телевизија, по интернет. Аеродром е како мета на кражби и на насилства и сето тоа“
Полицијата ги смирува граѓаните дека се преземаат мерки за што поефикасна превенција на кривичните дела кражби особено во овој период од годината. Велат, ќе ги засилат патролите во населените места.
„Со зголеменото присуство на терен на полициските службеници, на маалскиот полицаец и соработката со заедницата, се надеваме дека граѓаните ќе ги држиме будни и во овој период од годината, бројката на извршени кривични дела и тешки кражби во куќи и станови СИГУРНО ќе биде намалена“, кажа Ристо Јовановски – Главен инспектор во СВР Скопје – Одделение за превенција.
Во првото тромесечие годинава, пак, регистрирани се околу 500 кражби. Се краде во речиси сите скопски населби, но во овие лоши статистики предничат Аеродром и Центар. По нив следува Карпош.
Петар Догов