
БПЦ го потенцира „бугарското минато“ на Охридската архиепископија
Бугарската православна црква повторно го потенцираше наводното бугарско минато на Охридската архиепископија. Нивниот познат став дека тие се црква наследничка на оваа архиепископија и дека таа всушност е бугарска црква, овојпат стигна во посланието на Синодот на БПЦ.
По повод 1000-годишнината од Охридската архиепископија, напишаа дека, „проблем за решавањето на статусот е и прашањето за историската судбина на Бугарската Охридска архиепископија која постоела во минатото„. Со тоа отворија дилема, дали можеби сега тие ќе го оспорат евентуалното признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија? За новинарите кои ја следат оваа проблематика, ова нема да биде изненадување. Бранко Ѓорѓески е убеден дека тие нема да не признаат како Охридска архиепископија, туку како некоја нова црква. Тоа, пак, вели, може да ги наруши релациите со нив, но не би требало да влијае на одлуката на Вселенскиот патријарх кој е сега на тест.
14-те православни цркви во регионот имаат договор, меѓу нив да има целосен консензус при признавање на нова црква, а ние имаме разногласија и со бугарските и со српските владици. Но, тој договор никогаш не е преточен во писмена форма, па сега Вселенскиот патријарх треба да одлучи дали ќе го почитува. Ѓорѓески смета дека веројатно консензусот нема да биде проблем, затоа што, ако се водеше сметка за него, никогаш немаше ниту да ги земат предвид барањата на МПЦ и на украинската црква. Вартоломеј, вели, изненади со самото тоа што ги стави барањата во процедура.
Бугарските владици во посланието потенцираат и дека, ќе се заземат да им помогнат на своите браѓа во Македонија, за решавање на статусот, но историјата на Архиепископската катедра на древниот Охрид е безусловен дел на Бугарската православна црква, што е запишано и во нивниот црковен Устав. За Ѓорѓески и ова е добро познат став.
Во меѓувреме, од Вселенската патријаршија стигнаа охрабрувачки сигнали, дека одлучиле да ги преземат потребните чекори за решавање на ова прашање.
Далиборка Демјанска