
Неискористени фондови на ИПА поради несоработка на институциите
Од НВО Инфо центарот, посочија дека потребно е да се зајакнат капацитетите на секторите на локалните самоуправи, кои засега не се доволно обучени и запознаени со процесот на аплицирање во европскиот фонд.
Во Анализата поврзана со искористувањето на средства од ИПА 2 програмата беа опфатени општините Тетово, Битола Струмица и Скопје. Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, вели дека коренот на проблемот лежи и во централната власт, која не успева на почетокот да ја добие потребната сума на пари, која ИПА програмата ја одредила за проекти, кои треба да се реализираат во Македонија.
Познавачите на приликите сметаат дека институциите не се подготвени и не ги знаат постапките околу аплицирање во ИПА програмата. Во овој процес треба да се вклучат и универзитетите во земјава, каде има кадри кои знаат како максимално да ги искористат средствата од европските фондови.
Во план е наредната година да се изработат акциски планови, преку кои ќе се дадат основните препораки и чекори кои треба да ги преземат општините, околу јакнење на нивните капацитети за искористување на ИПА 2 програмата.
Зоран Димовски