Штипјанец рекордер во отслужување затворски казни – 31 година поминал во Идризово

Затворот во Идризово му е втор дом, во него поминал 31 година, или речиси половина од својот животен век. 68 годишниот Драги Јованов познат како Џината веќе три години е на слобода, а деновиве седна на клупата за обвинети, но само како посетител на судот. Кражбите и тепачките се дел од неговото досие, за себе пред камерата на Телма вели дека имал над 60 судски пресуди, а проблемите му почнале од 13 годишна возраст, кога бил испратен во дом.

Јованов загубил речиси се во животот. Поради неговото досие никој не сакал да го вработи, го загубил и станот, па сега живее заедно со уште десет лица  во центарот за бездомници во Мирјанина црква во Штип.

Рекордер е во отслужување на затворски казни, ги знае сите судии и обвинители. За помладите судии случајот на  Јованов е пример каков е системот што го има земјава во делот на ресоцијализацијата на осудениците. Бележани од заедницата тешко наоѓаат вработување и се адаптираат во системот, затоа и се враќаат зад решетки.

Податоците од невладиниот сектор покажуваат дека околку 60 од осудениците ги повторуваат делата и се враќаат во затворите, а како причини се наведува малиот број на воспитувачи и психолози во затворите, како и поддршката кога излегуваат од овие институции.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ