Текстилниот кластер го повторува барањето до Владата

Текстилниот кластер не отстапува од барањата за поголема државна помош. Повторно бара владата да ги ослободи од плаќање на половина од придонесите и да се врати нормираниот учинок. Тие истакнуваат дека расте бројот на компании кои ставаат клуч на врата или странски инвестиции кои се селат во соседството, а сево ова може да доведе и до 5.000 отпуштања.

Работодавачите од текстилната индустрија велат дека откога се воведе минималната плата, компаниите се претвориле во социјални компании кои земаат кредити за да исплатат плати на работниците.

Статистиките, според нив го покажуваат трендот на намалување на производството во трите гранки на текстилната индустрија, а со тоа и намалување на бројот на работниците.

Во текстилната индустрија работат околу 65.000 работници или 20 % од вкупниот број вработени. Владата пред една недела не ги прифати барањата на работодавачите од текстилната индустрија за поголеми бенефиции. Недозволиво е рече тогаш министерката Мила Царовска да се бара 50% од придонесите за вработените да бидат на товар на државата, бидејќи работодавачите ја исплаќаат минималната плата и без да ги користат веќе одобрените субвенции.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ