
Мичел: САД водат тивка дипломатија во решавање на спорот со името
Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав, дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО, рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовира стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.
Истакна дека САД на овие области на дневна основа трошат време и енергија, како и ресурси за проблемите на Западниот Балкан.
– Мислам дека за некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, не очекувам да ги видам целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок, оцени помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.