
Половина млади се невработени
Половина од младите во државата се невработени. Оваа статистика ја сместува Македонија на третото место по невработеност во светот, на листата на Светската Банка. Полоша е состојбата само во Босна и Херцеговина и Јужна Африка.
Алармантните статистички податоци ги мобилизираа младинските организации.
Тие побараа од државата да помогне, со цел да се обезбедат повеќе доброплатени работни места за младите преку започнување на свои бизниси. Велат, со тоа ќе се решат многу финансиски, но и социјални проблеми.
„Зголемување на фондовите од страна на државата за поддршка на мали бизниси, за поддршка на социјални претприемачки идеи. Секоја инвестиција нова, во социјални претпријатија или во социјални иновации значи не само отварање на македонскиот пазар туку тие се насочени и за странски пазари“, вели Златко Талевски, Извршен директор на Младински културен центар – Битола.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој вети пари за младите претприемачи кои отвараат свои бизниси, како и едукација, со цел да развијат успешни компании.
„Ќе понудиме еден шалтер на којшто ќе може да се пријават, ќе може да добијат менторирање, ќе може да добијат грантови да се вработат односно да отворат своја фирма. И понатаму, ќе може да добијат техничка поддршка за да подготват апликација со којашто ќе го развијат својот бизнис и ќе добијат средства од страна на Фондот за иновации“, Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Во категоријата млади невработени се вбројуваат лица од 15 до 24 години, кои се подготвени да работат и кои побарале работа во последните четири недели. Само околу 20 проценти од невработените успеваат да се вработат со помалку од една година активно барање работа.
Петар Догов