Бежоска: Поскапата нафта нема да предизвика силни инфлаторни притисоци, НБМ го мери секундарниот ефект

Се поскапиот бензин нема да предизвика позначајни инфлаторни притисоци, тврди новата гувернерка Бежоска. Стапката на инфлација во земјава годинава нема да биде повисока од два проценти.

Народна банка го очекувала растот на цените на нафтата на светските берзи, а се прогнозира дека тој тренд ќе продолжи и оваа година.

„За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд, а очекувањата се тоа да продолжи и оваа година“, вели гувернерката Анита Ангеловска –  Бежоска.

Нафтата, вели Бежоска, е само една од компонентите што влегуваат во инфлацискиот индекс, која нема директен значаен ефект, па промените на нејзината цена не треба да предизвикаат позначајни инфлаторни промени. Но, не е исклучено дека скапите горива ќе имаат секундарен ефект врз другите производи, па централната банка треба да го измери тоа влијание.

„Сепак многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на останатите производи па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафата, нашата проекција како централна банка за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација“, вели Бежоска.

Нафтата брент на светскиот пазар сега се продава за 75,5 долари за барел. Светските агенции јавуваат дека САД неофицијално се обратиле до Саудиска Арабија и уште неколку земји членки на ОПЕК, со молба да го зголемат производството на нафта, за да спречат раст на цената на бензинот.

Дел од експертите во земјава сугерираа дека Владата треба да размислува за намалување на акцизата за нафтените деривати, со цел да ги заштити граѓаните и бизнисот од ударот на високите цени. Од таму изјавија дека немаат намера да ја вратат назад акцизата за дизелот. За евентуално поевтини горива, пак, рекоа дека ќе се чека следната година, кога треба да истече договорот со Грчкиот Хеленик петролеум, кога државата ќе биде ослободена од неколку негативни клаузули што ја оптоваруваат цената на горивата. Тогаш ќе може да се смени и методологијата според која се пресметува цената.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ