
Коѕијас тврди дека преговорите за МПЦ траат една година
Шефот на грчката дипломатија тврди дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат една година. Во интервју за грчка телевизија, Никос Коѕијас објаснува дека подолго време се разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија и дека Грчката црква не треба да се меша во тоа прашање.
Коѕијас објаснува и дека, Грчката православна црква знаела дека се во тек преговори уште кога ги поддржа протестите на почетокот на годинава, велејќи дека требало да го почитуваат тоа и да не се мешаат. Вели и дека, би требало да им се даде награда на луѓето од Скопје за размислувањето и за храброста, одново да се вратат на традиционалното и непровокативно име, Охридска архиепископија.
Од МПЦ, пак,негираат дека интензивните преговори траат толку долго време.
И грчкиот премиер Ципрас вчера се сретна со патријархот Вартоломеј и ги поздрави напорите за решавање на статусот на МПЦ. Вселенскиот патријарх, по разговорот изјави дека тоа прашање е во рамки на канонските обврски на Патријаршијата, да ги отстранува расколите каде штo постојат. Тој се сретна и со грчкиот претседател и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос.
Посетата на Атина следеше откако минатата недела Вселенската патријаршија соопшти дека Светиот синод го разгледал прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската Архиепископија, откако го примиле писмото на премиерот Зоран Заев, во кое се бара признавање на автокефалноста на МПЦ. Писмото предизвика полемики во државата, но и во Грција,за тоа, дали Заев прифатил промена на името на МПЦ, но премиерот минатата недела негираше.
Далиборка Демјанска