ДДВ за стан останува пет отсто уште пет години

За становите во прва продажба стапката на ДДВ продолжува да биде повластена и да изнесува пет отсто и во наредните пет години. Пониската стапка требаше да важи до крајот на оваа година, но градежниците во неколку наврати бараа нејзино пролонгирање, со образложение дека ако се врати повисоката од 18 отсто, тоа ќе ги поскапи становите, ќе го намали значајно прометот, а може и да го крахира нивниот бизнис. Тоа ќе значи и послаби буџетски приходи, а становите ќе станат понедостапни за младите. Министерот Тевдовски вели дека оваа мерка ќе биде добредојдена за градежниот сектор.

„Министерството направи измени и во Законот за ДДВ со кој се продолжува повластената стапка на ДДВ од пет отсто заклучно до 2023 годинa“, вели министерот Тевдовски.

Оваа мерка прв пат беше донесена во 2010, како антикризна. Прв пат беше продолжена во 2015, а сега добива второ пролонгирање.

Уште еден проект од старата, ќе го продолжи и новата власт. Граѓаните повторно ќе може да поднесуваат барања за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Со законски измени рокот се пролонгира за плус три години, до крајот на 2021. Мерката за откуп на дворовите претходно истече во 2014 и од тогаш досега барања не можеа да се поднесуваат. Беа поднесени околу 300 илјади барања, а од нив се решени две третини. Се пролонгира и примената на одредбите за закуп, нема да плаќаат кирија оние што нема да го приватизираат земјиштето.

„Во изминатиот период пристигнаа многу реакции од граѓани што не успеале да го запазат рокот за поднесување барање за приватизација. Станува збор за граѓани што живееле во странство, но и граѓани што живеат во земјата“, рече заменик министерката за финансии, Ширет Елези.Пратениците од Собраниската комисија за буџет, без оглед на партиската боја, му дадоа едногласна поддршка на законот. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ задоволни што во Финансии ги увиделе позитивните работи и го продолжиле законот, кој долги години бил напаѓан.

„Се надевам дека и другите позитивни законски решенија кои беа донесени ќе наидат на позитивен  одѕив и во Министерството и ќе бидат продолжени“,  вели Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Немаше логика  поради тоа што беше испуштен рокот, што беше пролонгиран повеќепати, да се губи право на сопственост засновано на сопственички документи, па дури и од неследство од генераија на генерација граѓани“, вели Минов, ГРОМ.

Од Владата со најава – се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост до крајот на 2022 година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ