
Топлификација поднесе тужба и кривична за Те-То
Топлификација ја тужи Те-То. Компанијата поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и оштетување на доверители. Според Топлификација раководството на Те-Tо поднело барање за стечај и донело одлука за отпис на долг од 120 мил. евра. Со ваквата постапка за која немало одлука на собранието на акционери, и се овозможила противправна имотна корист на офшор компанијата Битар Холдинг лимитед од Кипар која е мнозински сопственик на Те-То.
Серијата незаконски активности и сериозните пропусти на судот во стечајната постапка која Тето ја поведува само на себе според Топлификација на крајот ќе предизвикаат штета и на Република Македонија.
„Со барањето за стечај, доставен е и план за реорганизација со кој се предлага отпис на 90 % од побарувањата на БХЛ и Топлифиукација. Тоа би значело дека БХЛ би отпишал 100 мил. евра, а Топлификација 26 мил. Ова значи дека ќе се случи Фени 2 во кој Македонија е тужена за 50 мил. евра, а тука ден по усвојување на ваквиот план, Македонија ќе е тужена за 100 мил зашто газдата на БХЛ која е од ТК 2 не им дало потврда за усвојување на тој план“, кажа Ивица Стојановски претс.на надзорен одбор на Топлификација АД
АД Те-То тврди дека сите активности ги водат согласно македонските закони.
„Наводите изнесени во јавноста се невистинити и се обид за вршење на притисок врз судот. Сета потребна документација за предметот е доставени до Судот согласно процедурите и законите. Како независна институција уверени сме дека одлуките на судот ќе бидат во согласност со законите на РМ“, соопштија од АД Те-То.
Во изградбата на АД Те-То директно и со кредити во вкупна вредност од 22 милиони евра учествува и Топлификација. Иако заемите за враќање достасале во 2013 година, Те-То не ги вратил парите за што се водат неколку судски постапки.
Клучниот процес Топлификација го доби во февруари годинава кога Врховниот суд пресуди Тето да врати 11,4 милиони евра. Пред утрешното рочиште во судот во Скопје, Топлификација тврди дека ситуацијата може поинаку да се реши. Нудат алтернативен план за реорганизација на Те-То според кој Те-То во следните 10 години може да врати 170 милиони евра или 100 мил. повеќе од планот за кој утре ќе се расправа во судот.
Виолета З Стојановска