Нема договор за „Република Нова Македонија“

Грчката Влада ги демантира шпекулациите на медиумите на албански јазик дека е постигнат договор Македонија да го смени името во „Република Нова Македонија“.

-Не сме заинтересирани за многубројните шпекулации во врска со преговорите за името, туку да продолжиме со преговорите на сериозен начин, за да можеме во наредните месеци да дојдеме до решение на проблемот што трае 25 години, ова е ставот на грчката страна.

Од македонската Влада велат дека не сакаат да навлегуваат во конкретни расправи поврзани со преговорите за името.

-Во овој момент не би навлегувале во конкретни, специфични и суштински расправи во однос на преговорите за името, но она што е очигледно и јасно е дека климата е исклучително подобрена и се оди кон тоа, како што неодамна изјави премиерот, дека постои можно решение кое би им одговарало на двете страни.

И вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, при вчерашната посета на Атина, во интервју за грчката телевизија Антена, изрази уверување дека постои можност да се дојде до взаемно прифатливо решение.

-Мислам дека му доаѓа крајот на овој спор. Нам ни одзеде 25 години можност за соработка, размена и развој. Сега е време да го затвориме, без штети и земајќи ја предвид чувствителноста на двете страни за прашањето, смета Бујар Османи.

Наредната среда во Њујорк почнува нова рунда разговори за решавање на спорот со името, потврди Министерството за надворешни работи. Предвидено е медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц да се сретне со преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Нивната последна средба беше минатиот месец во Брисел, кога Нимиц најави дека ќе ги покани преговарачите и во јануари и во февруари и во март.Овие разговори се случуваат по тригодишна пауза. Ги следат оптимистички изјави на премиерите Заев и Ципрас дека има шанси спорот да биде решен во првата половина на оваа година.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ