
Има иднина за Еурокомпозит и Колска, тврди Анѓушев
Има интерес кај инвеститорите за прилепски Еурокомпозит и велешка Колска. Вицепремиерот Анѓушев е оптимист дека со приватизацијата ќе се решат проблемите на овие две компании со долгогодишни финансиски тешкотии, вели – за нив има иднина, а до отпуштања на вработени сигурно нема да дојде. Владата распиша тендер за избор на меѓународни консултансти, тие треба да изработат професионални длабински анализи за тоа во каква состојба се двете фабрики, кои потоа ќе помогнат за транспарентна продажба на потенцијалните инвеститори. Сите заинтересирани за влез во приватизацијата, ќе имаат валидни и атрактивни извештаи, со што ќе бидат во рамноправна стартна позиција, вели Анѓушев.
„Да, и тоа како имаат иднина, има заинтересирани инвеститори и за Колска и за Еурокомпозит. Вработените не само што ќе останат на работа, тие што ќе сакаат да останат, туку ќе бидат и малку, бидејќи и во едната и во другата фабрика за да се одвива технолошкиот и проиизводствениот процес во целост, ќе недостасуваат вработени, доколку се воспостави активноста така како што треба, а целта на приватизацијата е токму тоа, таа активност да се воспостави“, вели вицепремиерот Анѓушев.
Консултантот што ќе се избере треба да ги утврди сопственичките удели во фирмите, долговите, загубите, но и судските спорови. Треба да се понудат три модели за продажба, а Владата да одбере еден. Еурокомпозит е единствена државна фирма загубар, со над 200 вработени, кои со години ги бараат заостанатите плати и придонеси. И Колска е во лоша состојба, чии вработени често протестираа барајќи ги неисплатените плати.
Вицепремиерот Анѓушев денеска се пофали и дека во Бунарџик 1 ќе има две нови странски инвестиции, за кои Владата во вторник ќе одобри договори за државна помош, во вкупен износ од 11 милиони евра, во кои ќе се отворат по 80-тина работни места. Станува збор за Зенит интернешенал продукт и турската Балканлар пластик. За него голем успех се влезените странски инвестиции во земјава од 235 милиони евра во првиот квартал од годинава, вели, тоа е рекорден квартален износ во последниве 12 години, остварен без роуд шоуа, големи трошоци и театри. Тврди дека во овие инвестиции нема ни еден сомнителен влез на пари во земјава.
„Во последнава една година јас не знам за ни една сомнителна инвестиција, оваа бројка е на Народна банка која ја користи истата методологија 12 години, значи зборуваме за споредливи параметри“, вели Анѓушев.
Голем дел од овие инвестиции се и на постоечките странски компании што работат во земјава, кои препознале дека бизнис климата за нив продолжила да биде пријателска, па дури и поповолна, вели вицепремиерот.
Се преговара уште со 200 компании.
Нина Нинеска-Фиданоска