
Со мазга и коњ од Битола до Солун по трасата на македонскиот фронт
Со коњ и магаре, од Битола, преку Мариово, Кајмакчалан и Гевгелија до Солун. На пат долг 240 километри утрово тргнаа францускиот дипломат и писател Емануел Рембер и новинарот и историчар Емануел Ешт, придружувани од битолскиот планинарски водич Петар Нолев. Македонско-француската експедиција пеш ќе минува по линијата на Македонскиот фронт, одбележувајќи ја стогодишнината од крајот на Првата светска војна, а маршот симболично почна од Француските воени гробишта во Битола.
„Сакавме да направиме нешто што може да се нарече жива археологија. Сакаме да одиме по линијата на фронтот по која се движеле војниците од Првата свестка војна“, рече Емануел Рембер, дипломат и писател
„Се надевам дека на моите согрѓани ќе им го оживееме спомент, жртвите и храброста на француските војници кои се бореа на Македонскиот фронт во Првата свестска војна. Тој е дел од историјата, настаните од овие простори, се малку подзаборавен во Франција“, рече Емануел Ешт, историчар и новинар.
На патувањето кое ќе трае десетина дена, патниците ќе минуваат по претежно планински предели на надморска височина од 2.000 метри, каде се уште има снег. Ќе ноќеваат на отворено, во вреќи и шатори, ќе јадат традиционална храна.
„Турата е исклучително интересна, полна со предизвици, имаме и добар, но и лош терен, но се работи за доживување во природa, сите изненадувања се очекувани, така што не би требало да имаме поголеми проблеми за успешно реализиација на турата“, рече Петар Нолев, планинарски водич.
Патот по линијата на Македонскиот фронт, двајцата французи го нарекоа „Марш на спомените“. За време на патувањето ќе водат дневник во кој ќе ги општат најсилните мигови, доживувања и случки по трасата, за што ќе објават книга.
Емилија Мисирлиевска