
Мицкоски од протестот побара предвремени избори догодина со претседателските и техничка влада за нивно спроведување
Го одржа првиот митинг-протест како партиски лидер, ги доби првите овации на отворено, и најчесто во уста на Христијан Мицкоски му беше Зоран Заев, на кого му порача дека му е доволно една година власт и го предизвика на предвремени избори.
-Да ги застанеме додека не е предоцна!!! Избори мора да има! Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските мора да има!!! Ајде да подготвиме чист и еднаков терен за сите политички партии. Ајде да избереме Претседател на ДИК на предлог од опозицијата. Ајде да формираме техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, впрочем исто како што беше во 2016-тата кога Зоран Заев и СДСМ ги загубија изборите и да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, истакна претседателот Христијан Мицкоски.
-Ќе победиме заеднички сложно, и обединето, народот ќе триумфира над неправдата, над темнината, понижувањата и сите тие име и презиме. Запамтете го добро Зоран Заев. 2 јуни е почеток на крајот на ова неславно владеење, рече Мицкоски.
ВМРО- ДПМНЕ го одржа првиот свој неизборен собир откако се во опозиција. Местото на протестот пред владата.
Покрај партиски првенци од поранешното раководство, имаше и коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ, но и неколкумина кои беа и во собраниската прес сала на 27-ми април.
Новото раководство на партијата пристигна пеш од своето седиште. Покрај изборите, во говорот, Мицкоски го повтори ставот за конечното решение за името.
-Ако Зоран Заев во неговиот извод од матичната книга на родените се напише на пример ЕВРО, неговиот омилен збор од тој момент па натаму сите ќе го викаме Евро Заев. Ќе направи непоправлива штета. Непоправлива штета од што нема назад. И затоа сакам да порачам и да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи промена на Устав со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. А, името на нашата партија било и ќе биде ВНАТРЕШНА МАКЕДОНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА – ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНИ ЕДИНСТВО, викаше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, преку озвучувањето кое од непознати причини беше пуштено најсилно на максимум децибели.
Стремежот кон НАТО и ЕУ членство значи и да се почитува квалитетот и човечноста на луѓето, а не само партиската книшка, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и побара луѓето да веруваат сами во себе.
-За почеток, додека не ме запознаете подобро, не барам целосно да ми верувате мене. Барам да си верувате во самите себе! Вие сте народот на Македонија!, рече Христијан Мицкоски, а присутните му одговорија со овации на неговото име.
Мицкоски на двапати оцени дека и Албанците се незадоволни од лоша економска состојба и дека им се попотребни работни места од неуставен јазик за двојазичност.
Испорача и ветувања за намалување на ДДВ на 2 проценти за она што им е потребно на граѓаните и поголеми пензии за 40 одсто, и поголеми плати на професорите за 50 проценти во мандатот доколку го добијат.
Екс лидерот Никола Груевски, не беше на платото, даде подршка за протетсот преку фејсбук, во шпалирот околу Мицкоски ги немаше ниту старите ликови од ВМРО-ДПМНЕ, Јанкулоска, Миле Јанакиески, Зоран Ставревски, но беше Влатко Мијалков. На протестот се појавија и Антонио Милошоски и екс министерката за култура Канческа Милеска.
Видео- пораки за подршка на Мицкоски испратија унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на европската народна партија Жозеф Дол.
Миомир Серафиновиќ